Општина Прилеп ќе субвенционира дел од трошоците за набавка на инвертори и велосипеди. На денешната 40-та седница советниците го усвоија правилникот за надоместување на дел од трошоците за купување на клима-уреди и велосипеди, за граѓаните од општината.
– Општина Прилеп оддели 4 милиони денари за субвенционирање на набавка на клима-уреди и 2 милиони денари за велосипеди. Со усвоениот правилник, на граѓаните ќе им бидат субвенционирани 50% од цената на трошоците, а најмногу до 10.000 денари за инвертори и 5.000 денари за велосипеди. Постапката за аплицирање ќе биде на основа на принципот „прв дојден, прв услужен“, врз основа на искуството кое го имале другите општини и Министерството за економија – велат од општината.
На денешната седница советниците го усвоија кварталниот извештај за извршување на буџетот на општина Прилеп за четвртиот квартал од 2019 година и предлог-одлуката за проширување на средствата на буџетот за 2020 година.
Воедно го усвоија и годишниот извештај за реализирани активности на Детски градинки „Наша иднина“ и дадоа согласност на програмата за реализација на дејноста, со финансискиот план за 2020 година на градската библиотека „Борка Талески“.
– Советниците ја изгласаа и предлог-одлуката со која на Евгенија Најдоска и’ се доделуваат средства во висина од 250.000 денари, кои беа собрани на турнирот во мал фудбал „Свети Никола 2019“, за натамошно лекување на нејзиниот малолетен син Дејан Најдоски – посочува Миле Талевски, претседател на советот на општина Прилеп.
Меѓу другото, советниците ги усвоија измените и дополнувањата на програмата за утврдување на критериуми и стандарди за поставување на урбана опрема на подрачјето на општина Прилеп, а донесоа и повеќе одлуки за легализирање на бесправно изградени објекти.
Ка.М.