Во Прилеп сѐ е подготвено за одбележувањето на големиот христијански празник Свети Никола, којшто од пред 14 години е прогласен за заштитник на градот и негов патрон празник. Традиционално прилепските домаќинки од четири здруженија ги завиткаа малите посни сарми, кои заедно со гравот и рибите ќе бидат поставени на посната празнична трпеза в четврток во центарот на градот. Кум на годинешната градска слава е семејството на Кирил Небрежанец.

– Чест ми е што моето семејство, со трите ќерки, е домаќин на празникот. Ќе имаме над 60 илјади сармички, над 200 килограми, риба, грав, маслинки, ракија, вино, сок. Да се биде домаќин на градска слава е големо задоволство. Господ нѐ крепи сите и кога славиме празници е убав чин. Му препорачувам секому, кој се чувствува храбар да биде домаќин – изјави Кирил Небрежанец, денеска откако се свиткаа сармичките.

Педесетината жени што ги виткаа сармичките, големи колку нокт, не го криеа задоволството што и годинава се дел од манифестацијата.

– Свети Никола како празник останал од прадедовци. Сега нè здружува секоја година. Како граѓани се гледаме на слави, имиња и на овие прекрасни манифестации – велат тие.

Градоначалникот на Прилеп Илија Јованоски ги покани граѓаните да присуствуваат на одбележувањето на патрониот празник.

Според програмата утрото во четврток најпрво во црквата „Св. Благовештение“ ќе одржи празнична литургија, за потоа одбележувањето на пладне да продолжи пред паракалисот на Св. Никола во центарот на градот, по што ќе биде поставена светиниколската трпеза.

Ка.М.