Во Прилеп засега се официјализирани двајца кандидати за градоначалник кои ќе учествуваат на претстојните локални избори, кои треба да се распишат деновиве.
Најпрво официјално со името излегоа од ВМРО ДПМНЕ. Тоа е докторот Борче Јовчески, по професија специјалист ортопед и советник во постоечкиот совет на општината од редовите на ВМРО ДПМНЕ, од каде посочуваат дека во Прилеп Јовчески има голем углед и дека граѓаните се расположени и подготвени да го дадат гласот за него
и за доброто на општината.
Јовчески на деновиве на одржаната партиска трибина, кога беше официјално претставен за кандидат за градоначалник, истакна дека кога се согласил да биде кандидат прва идеја му била и во иднина да продолжи да работи со истиот ентузиазам и да придонесува за сите кои го сакаат Прилеп, за сегашните и идните генерации.
– Сум имал можност да го напуштам градот, но тоа не одговара на мојот карактер. Моето мото е дека каменот си тежи на местото! Зарем има поубаво место за еден прилепчанец, од местото во кое се родил, низ чии улици пораснал, низ чии школски клупи другарувал, од местото во кое живеел и дејствувал? Јас сум сигурен дека нема! Можеби сите не размислуваат вака, но сепак според мене најдобро е кога работиш и се ангажираш за своите сограѓани. И да знаете ќе имаме многу за работа. Кога велам многу, мислам на наредните четири години, мислам на многу непреспиени ноќи изработувајќи, реализирајќи проекти, настани, инвестиции и заеднички успеси! Затоа што Прилеп и прилепчани го заслужуваат тоа – рече на промоцијата д-р Јовчески.
Синоќа пак, официјално на прес-конференција независната кандидатура за градоначалник ја најави адвокатот Жарко Стеваноски, кој посочи дека како граѓанска
иницијатива под мотото „Че вреди“ ќе имаат и независна советничка листа.
– Мотивите за еден ваков чекор граѓанската иницијатива „Че вреди“ ги влече од 30-те години независност и ваквиот повеќепартиски систем со кој политичкиот избор на
граѓаните се сведува на избор помеѓу две политички партии, кои по ништо не се разликуваат во начинот на владеење и остварувањето на личните интереси. Единствено
што до денес нам граѓаните ни покажале ВМРО и СДСМ е тоа како се станува роб во
сопствената држава, во сопствениот град… Како граѓанска опција одлучивме да ја бараме поддршката од граѓаните на следните локални избори и се надеваме дека прилепчани како низ историјата, така и сега, ќе покажат пркос наспроти партиските стеги на политичките близнаци ВМРО и СДСМ и ќе ни ја дадат можноста да покажеме дека нема да дозволиме партиските локални шерифи да ни бидат репер за успешно водење на локалната власт, да покажеме еден сосема поинаков пристап во водењето на локалната самоуправа и менаџирањето со барањата и проблемите на граѓаните – рече на прес конференцијата Стеваноски.
Носителот на независната листа за советници во Советот на Општина Прилеп од граѓанската иницијатива „Че вреди“, Дарко Конески, посочи дека целите на реформите во локалната самоуправа од донесувањето на законот за децентрализација до денес не само што не се постигнати туку се уназадени до степен на непрепознатливост.
– Прилеп го претворија во дувло на партиски постави преку кои го остваруваат единствено својот личен интерес и интересот на поединци приврзаници на власта. Советот на Општина Прилеп е продолжена рака на партијата на власт, составен од партиски послушници кои немаат слух за реалните потреби на граѓаните, едноставно советот претставува гласачка машинерија која исклучиво работи во исполнувањето на партиските агенди и личните интереси на поединци. Нашата програма за развојот на Прилеп ќе биде подготвена во соработка со сите наши сограѓани – рече Конески од иницијативата „Че вреди“. Ка.М.