Околу 2.700 земјоделци од прилепскиот и од долненскиот регион доставиле барања за субвенции, информираат од Подрачната единица на Министерството за земјоделство.
Според раководителот на подрачната единица, Зоран Пачешкоски, најголем е интересот за градинарското производство и за житните култури.
– Интересно е што годинава е зголемен интересот и за пчелни семејства, и тоа на млади земјоделци. Во рок од 30 дена земјоделците имаат можност да направат дополнувања на барањата, како што е ситуацијата во површините со земјоделски култури – посочува Пачешкоски.
Во споредба со лани, интересот за субвенции е на исто ниво. Досега речиси сите мерки за субвенционирање се исплатени, освен за млекото и за килограм пиперки. Овие субвенции ќе бидат исплатени во најкраток рок, а се доцни од технички причини поради ковид-пандемијата.
Во регионот на Прилеп и Долнени има околу 10.000 земјоделци, од кои над 7.000 се тутунари, кои не мора сега да поднесуваат барања, туку по откупот на тутунот.