Во Општина Вевчани се одржа првиот проектен форум. На форумската сесија беа наведени проблеми и беа предложени решенија од повеќе области, како образование, детска заштита и згрижување, социјални политики, животна средина, НВО, земјоделство и друго. Од нив произлегоа десетина проектни идеи, кои ќе се работат на следните форумски сесии. Одржувањето на форумските сесии во Општина Вевчани, заедно со обуките за советниците, е дел од проектот „Зајакнување на општинските совети“. Целокупниот проект изнесува 3,4 милиони швајцарски франци, а финансиран е од Швајцарската агенција за развој и соработка и е имплементиран од УНДП во партнерство со Министерството за локална самоуправа, Министерството зa финансии, Заедницата на единиците на локалната самоуправа, Здружението на финансиски работници и УН Вомен.
– По успешното спроведување на проектот, завршувањето на обуките од страна на советниците и завршувањето на форумските сесии, годинава Општина Вевчани ќе добие два гранта, 50.000 швајцарски франци за приоритетни проекти, кои ќе ги изберат граѓаните преку форумски сесии, и 12.000 швајцарски франци за имплементација на иновативни ИТ-решенија за зголемување на транспарентноста и отчетноста на општината и работата на Советот – информираат од Општина Вевчани.
Целта на форумот, кој се одржа на темата „Социјална инклузија“, е зголемување на учеството на граѓаните во процесот на донесување одлуки на локално ниво. Форумот е алатка за учество на граѓаните во подготовката и изборот на приоритетните проекти и има цел да го подобри животот во заедницата, преку заемна соработка на општината и граѓаните.
На првата форумска сесија имаше триесетина учесници, а присуствуваа и градоначалникот на Општина Вевчани, Сашо Јанкоски, претседателот на Советот на Општина Вевчани, Душко Ѓурчески, и проектната менаџерка од УНДП, Лејла Небиу, кои се обратија до присутните и го поздравија спроведувањето на проектот во Вевчани.