Во Пробиштип почна изградбата на социјална зграда во која ќе можат да се вселат 48 семејства од социјално ранливите категории. Според Генералниот директор на АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката, Кристијан Трајковски, очекувањата се дека објектот ќе биде готов за 18 месеци, а следнава година сите станови ќе бидат распределени. До крајот на годината планирано е отпочнување на изградба на уште девет вакви објекти.
– Очекувам наредната недела и во Неготино да ставиме камен темелник, потоа доаѓа зградата во Бутел која има 312 станови и плановите се и таа до крајот на месецов да почнеме да ја градиме. Заедно со министерот Сугарески работиме на изградба на 10 социјални згради и очекуваме роковите во договорите во целост да бидат испочитувани – изјави Трајковски.
Според министерот за транспорт и врски Сугарески, целта на политиките на оваа Влада е во делот на социјалата да се обезбеди покрив над глава на најсиромашните семејства.
– Сакам да потенцирам дека овие денови ги потпишав решенијата за определување на социјалните станови во Кочани. Оние што аплицираа претходно деновиве ќе ги добијат решенијата – рече Сугарески.
Новите згради за социјално ранливите категории граѓани ќе чинат 15 милиони евра, од кои зградата во Бутел ќе чини 7,5 милиони евра, а останатите чинат по околу еден милион евра.Генералниот директор на АДСДП најави дека за овие згради ќе има нов систем на распределување на становите кој треба да да биде усогласен од страна на Министерството за транспорт и врски и Министерството за труд и социјална политика.
Според Трајковски, тоа ќе биде транспарентна постапка, за секој социјален случај согласно бодовите што ги стваруваат во делот на нивните примања, број на членови на семејство и истите ќе ги добиваат по електронски систем кој ќе биде реален.
Околу прашањето дали ќе се реши и проблемот со постојните социјални згради во земјава во кои има празни станови бидејќи корисниците заминале во странство, Трајковски одговори дека во тек е теренска проверка, а на оние што ги прекршиле условите ќе им бидат раскинати договорите и становите ќе бидат доделени на лица на кои што им се потребни.
Градоначалникот на Пробиштип Драган Анастасов посочи дека со оваа зграда ќе се реши станбеното прашање на примателите на социјална помош, на лицата со инвалидитет, лицата со посебни потреби како и на самохраните родители.