Со литургија утрово во сите прилепски храмови беше одбележан празникот Свето
Преображение. Голем број верници беа присутни на утринските литургии, а најмногу во
храмот „Свето Преображение“ во центарот на градот, каде се чевствува празникот. Верниците запалија свеќи за здравје и радост во семејствата.
Празникот Преображение по својата смисла и значење за човечкиот род е еден од централните христијански празници. Се базира на настанот на Христовото преобразување, т.е. покажување на неговата божественост пред најблиските ученици Петар, Јаков и Јован на Таворската Гора кратко време пред неговото страдање во Ерусалим.
Важноста на овој настан за човечкиот род е одлично искажана во зборовите што апостол Петар ги кажува во некакво изумување, а кои сведочат за значењето на непосредниот однос на човекот со Бога. Тие зборови се: Господи, добро ни е овде. Во црквата смислата и значењето на празникот секогаш најдобро се искажуваат во тропарот на денот, кој за овој празник гласи: „Си се преобразил на гората Христе Боже, покажувајќи им ја својата слава (божественоста) на твоите ученици, колку што можеа да примат; и нам грешните да ни заблеска твојата вечна светлина, т.е. светлината на вистинското знаење, богопознание.“
Црквата „Св. Преображение“ е изградена 1871 година. Иницијативата за нејзина
изградба било од грчко влашкото лоби и затоа ден денес оваа црква меѓу народот се нарекува Грчка црква.
Црквата е трикорабна базилика со пет куполи, а од источната страна има деветтоаголна апсида. Во 2001 година е осветена новата камбанарија, која се разликува од другите, а во 2007 година е поставен нов иконостас од костеново дрво. Ка.М.