Градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, го означи почнувањето на рехабилитацијата на локалниот пат во Виниче до манастирот „Св. Илија“ во должина од 2 километра.
Според градоначалникот Георгиевски, овој проект е дел од мерките на Владата што се однесуваат на инвестиции во локалната патна инфраструктура за поврзување населени места, односно селата со локалитети од значење за начинот на животот и работата на селската популација.
– Ова ќе значи дека Виниче, кое како населено место беше заборавено од сите, сега ќе може лесно и безбедно да се поврзе со другиот дел од овој регион, а сите посетители ќе може да стигнат до манастирот, како и да уживаат во убавините на Скопска Црна Гора. Проектот чини 10,9 милиони денари, средства на Владата преку Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Општина Гази Баба како никогаш досега има сериозна поддршка од Владата, предводена од Социјалдемократскиот сојуз. Верен партнер во секое време за решавање на суштинските децениски проблеми на граѓаните, со кои добиваат значително подобри услови за живеење – посочи Георгиевски.
Во меѓувреме, се реконструира и локалниот пат од Основното училиште „Наум Охридски“ до викенд-населбата во Булачани во должина од 1.100 метри, а ќе се реконструира и проширува и регионалниот пат од Бутел до Раштак во должина од 5 км. Со изградбата на овие 3 локални пата се решава долгогодишниот проблем на граѓаните за кој никој претходно немаше слух. Сега добиваат достојни услови за живеење и можност да бидат поврзани меѓу себе со современи патишта.
Според министерот Димковски, овој проект е од големо значење за жителите, кои по повеќе 50 години, првпат ќе добијат асфалтирана улица по стандарди за градба на патишта.
– Патот е долг 2 км и е во вредност од 15 милиони денари, пари обезбедени со финансиска подршка од оваа Влада. Очекуваме да биде завршен и пуштен во употреба за 10 месеци – рече министерот Димковски.
Бабовски, пак, посочи дека преку проектите од овој тип значително се подобрува патната инфраструктура во руралниот дел на општината.
– Преку реализација на овие проекти навистина се подобрува патната инфраструктура во општината и докажуваме дека посветуваме особено внимание за малите населени места кои се наоѓаат во руралната средина, а имаат ист рамномерен развој како сите други урбани средини во државата – изјави Бабовски.