По осми пат во питорескното село Белица-Кичевско, се одржаа традиционалните „Белички средби-2018“. Годинешните средби беа збогатени со учество на голем број познати естрадни ѕвезди, фолклорни ансамбли, поетско читање а за вистинските гурмани беа подготвени и вкусни оброци.
Целокупната програма се одвиваше во кругот реновираната црква „Свети Ѓорѓија“, каде за вакви прилики е изграден и специјален амфитеатар. Покрај постојаните жители и граѓаните кои водат потекло од овој крај од градовите низ Македонија, а имаше и голем број на гости од дијаспората, бидејќи овој крај е надалеку познат по своите печалбари низ Европа, САД и Австралија.
– По осми пат во нашето село се одржаа традиционалните „Белички средби-2018“. Средбите по традиција изобилуваа со богата културно-уметничка програма. Така, во музичкиот дел учествуваа вокалните солисти, Спасен Сиљаноски, Орце Богданоски, Влатко Лозаноски, групата Екстра Бенд со солистката Јована Јакимова, Елена Јовчевска, Џесика Пласоска, групата Молика, а настапија и играорците од КУД „Бисер“ Кичево. Во поетското читање зедоа учество познатите поети и поетеси, Виолета Секоска, Милици Паулус, Наташа Наумоска, Оливера Ширгоска и други. Средбите беа можност нашите луѓе од дијаспората кои низ светот ги има во огромен број, да се сретнат и запознаат со младите кои постојано живеат и работат тука, да слушнат за проблемите и за прогресот на Белица, и во иднина да инвестираат во родното село, што ќе овозможи негово заживување – истакна Раде Момироски, координатор на овие средби.
Расположените беличани крајот на средбите го збогатија со општонародна веселба на сите присутни на овој настан. З.А.