По околу седум каснувања од змија има во просек за една година во Тиквешко, тврди хирургот Дано Кулев, кој во изминатите години лекувал дел од пациентите каснати од змии. За жал, имало и смртни случаи. Последното каснување од змија беше во средата, настрада средовечна неготинка и покрај тоа што носела нараквици додека работела на лозјето, а беше препратена на Инфективна клиника.
– Остануваат препораките за внимателност. Во нашиот регион има присуство на змии, а бидејќи сме земјоделски крај, им препорачуваме на земјоделците да преземат превентивни мерки и да се заштитат од змиско каснување. Соодветни обувки, долги панталони, нараквици на рацете, се само дел од препораките – нагласува Кулев.
Во април 2008 година кавадарчанец почина по каснување од поскок додека работел на лозјето. Тогаш лекарите рекоа дека не паметат случај кога пациент каснат од змија настрадал од толку многу јак и концентриран отров. Дека отровот бил собиран преку целата зима и така отстојан бил испуштен од змијата, на која тоа можеби и било прво пролетно излегување. Во јули истата година отровница се испружи пред прагот на куќата на кавадарчанец, токму кога тој го славел неговиот 34. роденден. Има регистрирано и случај кога кавадарчанка била касната од скорпион додека чистела по дома. Бил скриен под тепих.
Во мај 2012 година во рок од две седмици имаше две змиски каснувања од кои едното смртоносно.
– Во 2013 година змија касна постара кавадарчанка додека дробела салата во летната кујна од семејниот дом во Кавадарци. Претходно тројца тиквешани беа убодени од змии во ист ден. Две жени и едно момче беа нападнати додека работеле на лозјето. Во двата случаи каснувањето беше на раката, а во едниот на ногата – потсетува тој.
Кулев нагласува дека змиите не напаѓаат сами од себе, ами само доколку се почувствуваат загрозени.