Проектот опфаќа и реконструкција на патот Житоше кон Лажани, Општина Долнени

Крушево

Во Општина Крушево започна реконструкцијата на патот стопанство – Алданци – Норово. Овој пат е едно од најголемите барања на жителите од овие населени места, а се реализира од страна на Министерство за транспорт и врски преку Јавното претпријатие за државни патишта заедно со Општина Крушево.
Овој пат е исто така значаен затоа што ќе опфати и реконструкција на патот Житоше кон Лажани, Општина Долнени, што значи поврзување на неколку општини. Реконструкцијата започнува од регионалниот пат Кривогаштани – Крушево и првиот дел завршува пред Житоше. Додека вториот дел ги опфаќа дел од населените места во Општина Долнени.

– Голема благодарност до министерот Горан Сугарески и до директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов, кои го ставија овој проект во годишната програма за работа и веќе се реализира на терен. Овој пат е едно од најголемите барања на граѓаните од овие населени места и со министерството и ЈП за државни патишта работевме активно за тој што поскоро да се имплементира. Драго ми е што тој ќе ја опфати и Општина Долнени и со тоа Министерството за транспорт и врски прави едно ново поврзување меѓу Општина Крушево и Општина Долнени и регионалниот пат кон Кривогаштани – вели градоначалникот на Општина Крушево, Томе Христоски.