БИТОЛА

По целосната реконструкција на зградата на Офицерскиот дом во Битола, деновиве почна и партерното уредување околу овој објект. Eкипи на јавното комунално претпријатие „Водовод“ работат во делот на интервенирање во местата каде што е предвидено да биде поставена дополнителна опрема со која ќе се наводнува околниот простор.
По завршувањето на работите на „Водовод“, ќе почнат и другите зафати за партерното уредување околу Офицерскиот дом, со што тој ќе го добие својот вистински лик. Инаку, Офицерскиот дом се реконструира со средства што Општина Битола ги доби од Европската Унија во рамките на подгрантовата шема на проектот „Локална и регионална конкурентност“, финансиран од ИПА 2 доверителскиот фонд на Европската Унија, администриран од Светската банка.
Во првата фаза од реконструкцијата целосно се реконструирани внатрешните простории, поставен е нов кристален лустер, донација од Турција, како и нов паркет, а домот доби и нова фасада. Со партерното уредување на огромниот простор што го опфаќа Офицерскиот дом, тој ќе го врати стариот сјај и ќе стане еден од најрепрезентативните објекти од старата битолска архитектура.