БИТОЛА

Реконструкцијата на патниот правец од селото Кажани кон потпелистерското село Маловиште, во должина од четири километри, е во завршна фаза. Деновиве на овој пат почна поставувањето нов асфалт. Вредноста на инвестицијата е 16,2 милиони денари.
– Преку овој проект овозможуваме жителите на населените места Кажани и Маловишта да имаат многу подобра и квалитетна инфраструктура, а граѓаните ќе добијат многу поквалитетен пристапен пат до националниот парк Пелистер – изјави директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски.
Според него, ова не е единствениот проект што оваа агенција го реализира со локалната самоуправа на Битола. Со грант од Програмата за рурален развој ќе се реализираат пет проекти, со вкупна вредност од 36 милиони денари.

Градоначалничката Наташа Петровска рече дека ако се земат предвид сите досегашни зафати, вложени се над еден милион евра, односно над 10 милиони денари.
– Овие пари се вложени во изградбата на пречистителната станица, кај месноста Црвени Петли, во колекторскиот систем Трново-Магарево, потегот кон Кажани во вредност од 13 милиони денари. Станува збор за износи што зборуваат за сериозно вложување на општината во инфраструктурата за потпелистерието. Во тек е тендерска постапка за реализација на коловозот од Црвени Петли до трафостаницата во селото Трново, во висина од над 24,7 милиони денари, што значи дека локалната самоуправа продолжува да се движи во насока на подобрување на инфраструктурата и животот на граѓаните – рече таа.