Пречистителната станица ќе им стави крај на маките и проблемите на жителите од Магарево и од Трново

Битола

Една дамнешна желба и идеја, чија реализација со децении се одложуваше, за жителите од потпелистерските села Трново и Магарево деновиве конечно стана реалност. Овие две села конечно добија пречистителна станица, во која ќе се обработуваат отпадните води. Проектот е финансиран од страна на Европската Унија, Министерството за животна средина и просторно планирање и буџетот на Општина Битола. За изградбата на пречистителната станица се потрошени европски пари преку УНДП, во износ од 9.018.336 денари, додека Министерството за животна средина издвои над три милиони денари, со кои се направи дел од колекторскиот систем на патот за националниот парк Пелистер, од потегот кај местото Црвени Петли до хотелот „Шумски фенери“. Општината Битола за изградба на пречистителната станица издвои вкупно 17 милиони денари.

Со средствата на општината, во висина од околу 300.000 евра, се направи потегот од „Шумски фенери“ до трафостаницата и испустот од пречистителната станица до реципиентот. По изградбата на пречистителната станица, во моментот од страна на јавното претпријатие „Нискоградба “ се поставуваат приклучоци за индивидуалните домови како на жителите од Магарево и Трново, така и за големиот број битолчани што имаат изградено викендички во овие две села под Пелистер. Изградбата на пречистителната станица претставува конечно ставање крај на маките и проблемите за жителите од Магарево и од Трново, кои со децении мака мачеа со отпадните води и фекалиите.
Сега, кога пречистителната станица е изградена, не само што ќе се реши проблемот на двете потпелистерски села туку конечно ќе се даде стимул за дефинитивно завршување на колекторскиот систем во потплистерието, на кој треба да се приклучат хотелот „Молика “ и детското одморалиште „Пелистер“, проект што почна да се гради пред речиси 20 години, но кој подоцна не само што е стопиран туку буквално е и заборавен.

– Изградбата на пречистителната станица преставува решавање на еден децениски проблем со кој мака мачеа не само жителите од селата Трново и Магарево туку и сите сопственици на угостителски објекти и викендички во овие две села. Сега, кога конечно пречистителната станица е изградена не само што ќе биде решен нивниот проблем со отпадните води туку во голема мера ќе се заштити и животната средина, вели градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска, која деновиве заедно со заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули и со директорот на националниот парк Пелистер, Амет Аџиу, изврши увид на изведбените работи за пречистителната станица.
Вкупниот износ што е издвоен од европските фондови, Министерството за животна средина и Општина Битола за изградба на пречистителната станица изнесува над 32 милиони денари, или над 521.000 евра.

Според договорот, пречистителната станица е сопственост на Општина Битола, но таа ќе му биде дадена на управување на јавното претпријатие „Нискоградба“, кое ќе стопанисува со неа.
– Пречистителната станица конечно е изградена. Моментно ние ги изработуваме приклучоците и во зависност од тоа кога сопствениците на објектите ќе се приклучат на канализацијата и кога ќе почне дотурот на отпадните води до пречистителната станица,таа ќе почне да функционира. Пречистителната станица има доволен капацитет да ги прифати сите објекти од селата Трново и Магарево, како и објектите на сопствениците на викендичките. Добро е тоа што според проектот е можно постојано да се зголемува капацитетот на пречистителната станица – нагласува првиот човек на ЈП „Нискоградба“, Методија Силјановски.

Покрај завршувањето на проектот за изградба на пречистителната станица, за жителите од селото Магарево деновиве стигна радосна вест дека е одобрен проектот за рехабилитација и изградба локалниот пат во ова потпелистерско село.