Штип
Општина Штип, покрај постојниот, постави уште два пункта за дезинфекција на возилата што влегуваат во градот. Тоа се влезот од Скопје кон Штип, кај Републичката полиција, влезот од Струмица и Радовиш кон Штип, кај училиштето „Искра“, а дополнително ќе се работи на пункт кај влезот од Кочани кон Штип, поточно кај индустриската зона Македонка.
– Општина Штип ги презема сите мерки и чекори што се во насока на поголема заштита на граѓаните, на сите возила што влегуваат и доаѓаат од околните градови. Морам да напоменам дека преостанатиот дел од градот постојано се дезинфицира преку ТППЕ и ЈП „Исар“.Дезинфицирани се улиците, плоштадите, јавните прометни површини и влезовите од станбените згради – истакнува градоначалникот Бочварски.
Полицијата ќе ги контролира сите пунктови каде што мора да поминат возилата што влегуваат во градот и ќе се изрекува казна доколку одредено возило го заобиколува овој пункт за дезинфекција.
Општина Штип им искажува благодарност на три градежни компании што ѝ излегоа во пресрет на општината и брзо и ефикасно ги изградија пунктовите.