Општината Гевгелија воведува организиран дотур на стока во градот за да се надминат сегашните застои и проблеми при истоварот на стока, особено, пред супермаркетите во централното градско подрачје. За таа цел, советот на општината Гевгелија на последната седница донесе одлука со која се дефинираат условите за доставување (истоварање и товарање) стока од моторните возила на јавните површини, начинот и времето за истоварање и за товарање. Во одлуката се дефинирани органите што го одобруваат времето на движење, запирање и паркирање на возилата за истоварање и товарање стока и надзорот над спроведувањето на одредбите од оваа одлука.
– Зоната во централно градско подрачје е подрачје на кое е забрането запирање и паркирање, освен запирање и паркирање на возилата заради доставување стока. Додека зоната надвор од централно градско подрачје ги опфаќа сите улици надвор од потесното, централно градско подрачје, на кое е забрането запирање и паркирање, освен за моторни возила со одобрение за доставување на стока. Возилата за доставување стока на подрачјето на општината Гевгелија може да запираат и да паркираат додека трае процесот на истоварање и товарање, но не подолго од 30 минути – информираат од општината Гевгелија.
Додаваат дека во зоната на централното градско подрачје возилата за доставување стока можат да доставуваат стока секој ден во временскиот период од 23 до 10 часот. Во зоната надвор од централно градско подрачје возилата за доставување стока можат да вршат запирање и паркирање од 23 до 10 часот и од 16 до 19 часот. Максималната дозволена вкупна маса на возилата што вршат доставување стока на подрачјето предвидено за тоа, секој ден во сите зони изнесува 12 тони.
– Доставувањето стока може да се реализира доколку со тоа не се загрози безбедноста на сообраќајот на пешаците и возилата, а одговорноста е на товар на лицето што поднело барање за одобрување на доставувањето стока. Стоката не смее да биде оставена на тротоар или на друга сообраќајна површина додека трае нејзиното истоварање и товарање. По завршувањето на истоварањето и товарањето, возилото треба веднаш да се отстрани од јав4ната површина. Истоварањето и товарањето стока од моторно возила по правило се врши на коловоз со вклучување на сите покажувачи на правци за движење – појаснуваат надлежните.
Инаку општината издава одобрение за движење, запирање и паркирање на возила поради истоварање и товарање стока по барање од правни односно физички лица, со рок во согласност со поднесеното барање, но не подолго од една година. За добивање одобрение, правните и физичките лица поднесуваат барање до архивата на општината Гевгелија. Спроведувањето на оваа одлука го вршат Секторот за урбанизам, заштита на животната средина, комунални дејности, сообраќај патишта, локален економски развој и информатичка технологија и Одделението за инспекциски надзор. Одлуката ќе се применува од 1 мај 2020 година.