Во реката Треска има острови од пластика и од најлони

Кичево

Речиси по една година, градската река во Кичево го наполни коритото со вода благодарение на последните дождови, но Сушица не само што го наполни речното корито туку ги донесе и пластичните шишиња. Oваа глетка е постојано присутна откако ќе се зголемат водостоите во Кичевско. Посебна приказна е најголемата река Треска, која е главниот колектор на водите од регионот, но и главен собирач на пластичните шишиња и најлонските ќесиња, и при редовните излевања од коритото ги полни плодните ниви со пластика и секаков вид отпад, по заслуга на неодговорни жители од крајречните села и градот.

Неодговорното однесување на граѓаните кон природата, особено кон реките, секогаш испливува на површина само по еден пообилен дожд, кога нивниот водостој ќе се покачи, а речните брзаци ќе го исфрлат сето ѓубре што било фрлено во речните води. Така беше и по последните дождови, кога купишта од пластични шишиња се појавија на бреговите на речните корита на реките во кичевскиот крај.
– Во можност сме да ја имаме оваа глетка секоја година по обилните дождови и подигањето на водотеците во речните корита, кога сѐ што е фрлено во реките, Сушица, Треска, Беличка Река и другите надојдените води го собираат и го таложат по ораниците, а она што ќе остане во коритото го таложи на браната на езерото Козјак, каде што оваа пластика го завршува својот пат. Со секоја наредна година, количествата пластика во коритата на реките во Кичевско се сѐ поголеми и поголеми, но, за жал, тоа не е случај само со водотеците во овој регион, туку е присутно во целата земја – истакнува Мито, екологист и спортски риболовец од градот, загрижен за овие состојби со речните корита.

И другите луѓе се загрижени за природата од овој регион и упатуваат апел до неодговорните граѓани.
– Сите ние како граѓани на оваа земја треба да ја издигнеме свеста и да водиме грижа за секој дел од земјава. Покрај работата на издигање на свеста на граѓаните за чиста и здрава околина, треба да знаеме дека и на идните генерации треба да им оставиме чиста земја без диви депонии и секаков вид отпад по реките, како што е случајот со Треска. Од најчиста река, денес Треска е претворена во глобална депонија со секаков вид отпад и пластика по целата нејзина должина – додава Миле, кој преку јавни трибини, чини континуирани напори за издигање на екосвеста кај населението