Прилеп
Со одлука на Советот на Општина Прилеп, донесена на 42-та седница, правни и физички лица се ослободени од разни давачки кон локалната самоуправа и јавните комунални претпријатија. Одлуката, како што вели претседателот на Советот, Миле Талевски, е донесена за да им се помогне во кризната ситуација не само на граѓаните туку и на фирмите во време на пандемија на коронавирусот.
– Намалена е цената за плаќање на фирмарината и таа сега ќе изнесува 4.000 наместо 6.000 денари, со вкупна сума на ослободување на правните лица во висина од 4,5 милиони денари. Користењето на просторот пред деловниот објект се намалува од 15 денари на 5 денари по квадратен метар. Со оглед на тоа што во месеците на вонредната состојба угостителите ќе бидат комплетно ослободени од оваа давачка, висината на вкупните средства од кои ќе бидат ослободени изнесува осум милиони денари. За 600.000 денари е намалено истакнувањето на рекламни објави на јавни места, со што севкупно намалувањата на овие давачки за правните лица изнесува 13,2 милиони денари – посочи Миле Талевски.
Прилепските советници донесоа и други мерки што ги предложија јавните комунални претпријатија, а со кои на прилепчани ќе им се помогне.
– Социјално загрозените лица и самохраните родители се ослободуваат од обврската за плаќање комунален отпад за месеците април и мај. Привремено се ослободуваат од плаќање надомест за подигање комунален отпад правните лица од Старата чаршија и самостојните занаетчии. Ослободувањето се однесува на дуќанџиите, занаетчиите и сите угостители и хотелиери од подрачјето на Општина Прилеп. Исто така, Советот донесе одлука за ослободување од плаќање надомест на сите закупци на тезги и на деловен простор во сопственост на ЈКП „Пазари“ – истакнува претседателот на Советот Талевски.
Од ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Прилеп доставија предлог-мерки за заштита на граѓаните до Советот, но власта не ги поддржа. Сепак, советниците од опозицијата едногласно ја дадоа својата поддршка за усвојување на претходните мерки.
Петар Ристески, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ изјави дека е жално што не биле прифатени нивните предлози бидејќи биле конструктивни, а Општината била во добра финансиска состојба.
– Владејачкото мнозинство, за жал, не собра храброст да разговара за нашите предлог-мерки. Не ги ни стави на дневен ред за расправа. Предложивме намалување на данокот на имот за 2020 година за 50 отсто и на данокот за наследство и подарок, потоа целосно ослободување од плаќање фирмарина за 2019 година и за 2020 година, како и целосно ослободување од надомест за користење на јавниот простор пред деловните објекти до крајот на 2020 година. Исто така, дадовме предлог за намалување на сметките за вода и комунални услуги за 50 отсто за најпогодените физички и правни лица од мерките против коронавирусот во следните шест месеци. Наместо тоа, и за време на пандемија, СДСМ Прилеп преку јавните претпријатија склучува договори за вработување – истакна советникот Петар Ристески од ОК на ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку, на оваа седница прилепските советници дадоа виза и за планот за заштита и спасување од поплави, а ја усвоија и одлуката за утврдување приоритет за учество во проектната апликација „Паметни прекугранични мрежи за одржливо вработување и раст во туризмот“.