Под мотото е „Physical distance“, денеска започна традиционалното „Уметничко лето ЦСЛУ-Прилеп 2020“, кое годинава ќе трaе 60 дена. Уметничкото лето ќе се реализира во форма на Ликовни работилници на кои ќе земат учество 12 уметници од Прилеп и другите градови. Годинава нема интернационалните учесници за да не се отворат проблеми и неочекувани дополнителни трошоци поврзани со корона пандемијата.

На Интернационалната сликарска колонија ќе творат Мирослав Величковски – Мире и Дејан Божиновски – Коска од Куманово, како и прилепските уметници Наде Тоскоска, Драган Михајлоски – Пижа, Елена Димоска, Маја Најдоска, Ферди Булут и битолчанката Сандра Котевска. На Интернационалниот скулпторски симпозиум во мермер дела ќе креираат Александар Наумоски од Скопје со прилепско потекло и нашиот сограѓанин Филип Перески. На Интернационалното студио за пластика во дрво учествува Владимир Симоновски од Битола, а на Интернационалното атеље за скулптура во метал Марјан Стојаноски. Годинава на Интернационалното атеље за дигитална уметност ќе творат Марија Стојаноска – Петкоска, Џоѓкун Алиевски од Скопје и нашиот уметник Дарко Талески.

Периодот за творење и престој во просториите во ЦСЛУ е зголемен на 60 дена за да може полесно да се организираат и да можат да се почитуваат протоколите, физичката дистанца како и заштитата од ковид-19. На учесниците од другите градови им е доставен материјал и алат за работа и тие ќе работат од дома.

Според Јана Јанеска Ристески прилагодувањето на моменталните потреби е важно за да може да се одржи континуитет и да се подобрат условите посебно кај ликовните уметници.

На крајот на Уметничкото лето ќе се реализира и годишната изложба на која ќе бидат презентирани уметничките дела создадени за време на овој проект.

Ка.М.