Подрачното министерство за земјоделие и Агенцијата за храна и ветеринарство во Битола добија нови 11 целосно реновирани канцелариии.
На денешната свеченост присуствуваа министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Николче Бабовски и градоначалничката Наташа Петровска.
– На овој начин не само што им нудиме, туку им даваме поквалитетни услуги на сите земјоделци од регионот, кои што особено овој период активно аплицираат за одредени субвенции наменети за нив. Со реновирањето на просториите се обезбедува зголемен капацитет и поголема безбедност за граѓаните – рече министерот Хоџа.
Бабовски истакна дека со создавањето на квалитетни просторни услови на вработените, односно на административците и инспекторите во АХВ, доаѓајќи во старата општинска зграда на Општина Битола, е направена една целина со другите институции сместени во зградата, со која ќе им се овозможува на граѓаните на една локација за сродни дејствија да можат да ги реализираат своите потреби.
Градоначалничката Петровска ја потенцираше целокупната соработка која што општината ја има со овие институции.
– Оваа завршница на реновирањето е во интерес и на Општина Битола, бидејќи самата општина има 65 села, со население кое има потерба од овие две институции. Во таа насока сигурна сум дека и во следниот период би делувале заедно, токму заради тоа што користиме објект кој што е на општината, даден на овие институции и е уште еден показател за успешната соработка помеѓу нас – посочи Петровска.
М.М.