Делчево
Со дислокација на подземната инфраструктура на парцелата предвидена за градба, кај градските гробишта во Делчево, започнаа подготвителните работи за изградба на градска капела. Инвестицијата е вредна 6.902.121,20 денари, со вклучен ДДВ, а средствата се обезбедени од буџетот на општината Делчево.
Во согласност со договорот потпишан по спроведената јавна набавка за изградба на придружни и услужни објекти на гробиштата мртовечница-капела со ладилник и помошни простории во Делчево, ангажираниот економски оператор треба да го изгради објектот за десет месеци.
– Проектот предвидува изградба на придружни и услужни објекти на гробишта – капела – мртовечница, со ладилник и помошни простории. Објектот е планиран со максимална висина до 8,5 метри. Во рамките на парцелата се предвидени паркинг-места за 16 лесни возила, како и пристап за возилото за носење на ковчегот во мртовечницата и пешачка патека за вработените лица и посетителите, како и парковско зеленило. Објектот мртовечница-капела е предвиден како правоаголен објект, со димензии 17,5/12,3 метри и вкупна површина од 190,42 квадратни метри, со сите придружни простории и комора – информираат од општината Делчево.