По неколку месеци во Гостивар повторно се воведува зонско паркирање и наплаќањето за користење на јавните површини. Општина Гостивар соопшти дека е потпишан договор за јавно-приватно партнерство со цел да регулира зонското паркирање кое треба да започне по две недели. Наплаќањето на зонското паркирање беше прекинато во февруари.
– Според претходниот договор склучен помеѓу поранешното општинското раководство и тогашниот приватен партнер, 62 отсто од средствата што се собираат од наплатата за паркирање одеа за јавното претпријатие а за приватниот партнер 38 проценти. Договорот кој го потпишавме денеска е многу поповолен во однос на претходниот, затоа што дури 90 проценти од средствата ќе одат за општината односно за јавното претпријатие, а само 10 проценти за приватниот партер. Очекуваме зонското паркирање да започне со работа во рок од две недели, а новитет ќе биде воведувањето на сензори и светлосна сигнализација со што возачите ќе можат да се информираат во секое време, каде има слободно паркинг- место, така што не ќе треба да талкаат по улиците за да најдат паркинг, да трошат повеќе гориво а со тоа и повеќе да го загадуваат воздухот – изјави градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари по потпишувањето на договорот.
Од фирмата партнер на општина Гостивар соопштија дека од следната година ќе се применува и смарт-систем, прв од ваков вид не само во Македонија. По две недели започнува првата фаза на проектот, што значи дека ќе почне да функционира зонското паркирање, во втората фаза ќе бидат пуштени во употреба два затворени паркинзи, а во третата фаза , наредната година, ќе започне примената на сензори.
– Примената на системот со сензори подразбира дека возачите преку мобилен телефон ќе можат точно да знаат каде има слободен паркинг, а и без таа апликација на мобилен ќе можат да се ориентираат преку инсталираната светлосна сигнализација. Кога ќе го направиме тоа, Гостивар не само што ќе биде првиот град во Македонија со такво паркирање, туку најверојатно и на Балканот – изјави Златко Ризов директорот директорот на “Електро Софт Инженеринг“, претпријатието што го доби тендерот.
Цените на услугите според зони, остануваат исти, односно 25 денари за еден час во А
зона и 10 денари во Б зона. А.С.