фото: Зоран Антоски

По пауза од еден месец поради коронавирусот, повторно е отворен кичевскиот зелен пазар. Бидејќи пазарот подолг период беше затворен, бројот на купувачи беше мал, а и понудата на овошје и зеленчук многу скромна.Причина е полицискиот час, кој започна во 14 часот, па затоа ги нема продавачите од останатите градови, кои се главните снабдувачи на Кичево со овошје и зеленчук.

– Ова е првата сабота откако повторно започна со работа зелениот пазар во нашиот град. Бидејќи граѓаните беа претходно информирани дека пазарот не работи поради коронавирусот, денес го посетија во сосема мал број, а и бројот на трговци кои ја нудат својата стока беше помал од вообичаеното. Ги немаше трговците од другите градови, кои поради краткиот период за работа, 14 часот, не се подготвени да донесат стока која не можат да ја продадат за толку кратко време и затоа одлучија да не доаѓаат на нашиот зелен пазар, се додека не се променат состојбите и не се продолжи времето за работа – вели Ариф Алими, раководител на зелениот пазар во Кичево, кој ја истакна хуманата одлука на претпријатието, дека поради слабиот промет, за првата сабота на тезгаџиите да не им се наплатува задолжителната такса.

– Бидејќи бројот на купувачите е мал, тоа придонесува трговците кои продаваат на нашиот зелен пазар, за ова кратко време да имаат мал промет, со што и нивната заработка да биде мала и затоа не би било коректно од наша страна да им наплатиме дел од скромната заработка што денес ја остварија. Како ќе се движат работите понатаму ќе зависи од состојбата со коронавирусот, што директно ќе влијае на должината на работното време кое ќе им стои на располагање на трговците, а со тоа и заработката и бројното присуство на продавачи и купувачи на пазарот – додава Алими.

Закупците на тезги речиси во последната минута се одлучиле да ја продолжат својата работа, иако биле наполно свесни дека денес нивниот промет ќе биде многу мал.

– Деновиве ми се јавија од компанијата, дека повторно ќе имаме можност да продаваме на тезгата која подолг период ја имаме закупено. Како што гледате бројот на купувачи е исклучително мал, бидејќи повеќето граѓани и не знаат дека пазарот повторно работи, а и краткото работно време поради полицискиот час го направи своето и затоа на пазарот ги нема главните снабдувачи на овошје и зеленчук од традиционалните земјоделски региони – вели Б.Т. закупец на тезга на кичевскиот зелен пазар.

З.А.