КИЧЕВО
Најдобрата заработувачка уличните чистачи на чевли во Кичево ја имаат во јули, август и декември, кога во земјава престојуваат поголемиот дел печалбари родум од овој крај и кога за овие занаетчии е периодот на најдобра заработувачка, која е поголема отколку заработувачката во преостанатите девет месеци заедно. Но годинава, поради проблемите што ги создаде коронавирусот, печалбарите во најголем дел не се вратија на годишен одмор, туку останаа во земјите каде што работат и живеат. Нивното отсуство, покрај другите трговци и занаетчии, го почувствуваа и уличните чистачи на чевли без планираната заработка за ова лето.
– Секогаш во јули и август и дел од декември ја имаме најдобрата заработувачка, кога имаме и најмногу работа. Во овие два месеци и околу Нова година, кога печалбарите се тука, заработувачката е најголема. Печалбарите се многу педантни луѓе и, по примерот на Запад, во секоја пригода сакаат да имаат чисти чевли и, ако треба, по двапати на ден не посетуваат само да изгледаат беспрекорно.
Згора на тоа, и многу се дарежливи и често се случува ако ги потсетите колку чини едно чистење чевли, тие да ви остават двојно повеќе пари од цената на чинење. Со жителите што се постојано во градот, никогаш не се случува тоа – вели најстариот чистач на чевли во земјава Демо Мамудоски, кој 80 години се занимава со оваа работа, а почнал да се занимава со чистење чевли на свои 11 години.
Тој со своите синови и внуци ја продолжува традицијата на улични чистачи на чевли во Кичево, кои, како што вели остарениот Демо, иако имаат и други занаети, во слободното време се тука да ги исчистат чевлите на градската господа.
За постојаните жители на Кичево најдолговечниот чистач на чевли во земјава нема високо мислење, бидејќи ретко кој редовно ги чисти чевлите кај нив.
– Во месеците без печалбари ретко кога имаме работа, редовните муштерии се во многу мал број или тоа се пензионери што претходно работеле на Запад или граѓани што ги негуваат овие навики. Малобројните граѓани што држат до себе и секогаш сакаат да бидат беспрекорни во својот изглед речиси ги нема или се во мал број, кои ние и по име ги знаеме. Но мора да се помириме со фактот дека сепак постојаните жители не се и финансиски добростоечки како печалбарите и тука можеби лежи причината зошто не ги чистат чевлите почесто кај нас – додава Мамудоски, кој вели дека во својот живот има исчистено над половина милион чевли.