Здружението на граѓани „Поречки средби“ денес по петнаесетти јубилејен пат ги организира Поречките средби, кои годинава се одржаа во село Модриште. Главната цел е враќање на помладите од овој регион, во селата каде што некогаш се родиле или живееле нивните татковци, дедовци и останати претци.
На годинешните јубилејни Поречки средби присуствуваа околу 2 илјади гости, а беше организирана и богата културно-уметничка програма.
– Годинешните јубилејни„ Поречки средби“ што се одржаа по петнаесетти пат во село Модриште, беа одбележани со присуство на голем број роднокрајни жители и со богата културно-уметничка програма.Така во програмата учествуваа КУД„ 7-ми Септември“ од Македонски Брод, пејачката група „Пенка Коцеска“ од Прилеп, КУД „Мирка Гинова“ од Демир Капија, КУД „Бревеница“, изведба на гајда имаше познатиот Ратко Златески, со неколку нумери се претстави Миле Јованоски-Поречанец, кој воедно беше и водител на програмата. На повеќемина заслужни граѓани кои придонеле за развој и одржување на поречките средби, им беа доделени благодарници и пофалници – истакна Милена Стојческа, директорка на Домот на културата во Македонски Брод.
Организаторите беа задоволни од она што беше презентирано како содржина на јубилејните средби и со сè она што се случуваше на истите.
– На годинешната јубилејна манифестација „Поречки средби“ имавме околу 2 илјади гости, од кои поголемиот дел поранешни и сегашни жители на Порече. Убаво беше да се види како млади кои се родени далеку од овој крај, дојдоа да ги видат домовите на нивните дедовци и татковци. Со нивното доаѓање, очекуваме и самите повеќе да го засакаат овој крај и многу почесто да бидат во селата на нивните претци – рече Александар Костадиноски, потпретседател на здружението „Поречки средби“.
Жителите од село Модриште се погрижија за сите присутни да биде обезбеден заеднички ручек.