КИЧЕВО

Првите луѓе на Здружението на пензионери од Кичево, поучени од минатогодишното искуство кога до октомври не можеа да им го испорачаат огревното дрво на своите членови, годинава побараа гаранции за навремена испорака на дрвата од првите луѓе на „Македонски шуми“, од каде што им потврдија дека ќе овозможат многу порано од грејната сезона кичевските пензионери да ги имаат дрвата во сопствениот дом.
– Откако добивме гаранции дека договорените количества ќе ни бидат навремено испорачани, одлучивме и годинава на нашите пензионери да им обезбедиме дрва на осум еднакви рати. Уплати ќе примаме до крајов на месецов, по што ќе биде затворен списокот за годинава. Интересот на пензионерите е зачудувачки голем и само во првата недела се запишаа стотина наши колеги. И ние имавме резерва дали по ланските маки, нашите членови годинава повторно ќе се одлучат да се снабдат со дрва за огрев преку нашето здружение. Дури сме најпријатно изненадени од зголемениот интерес на членството што побргу да се запише за да го реши еден од најважните проблеми. Според наши процени, на нашите пензионери ќе треба да им испорачаме околу 1.000 кубни метри огревно дрво, даб и бука – рече Душан Ристоски, претседател на Здружението на пензионери од Кичево.

Тој во продолжение истакна дека покрај поволноста дрвата да се платат на рати, ја нагласува и практиката дека за овие дрва е обезбеден и растовар во домот на нарачателот и вети целосна испорака на дрвата најдоцна до 1 август, што е најдобра вест за најстарите жители на градот.
– За разлика од лани, годинава добивме цврсти гаранции од доставувачот дека целосно ќе бидат испочитувани договорените термини и испораката на огревно дрво ќе започне во април и ќе заврши на крајот на јули, што е оптимално време за испорака на сите нас. Важно е да потсетам дека цената на кубик огревно дрво не е променета од лани и кубик дабово дрво ќе чини 2.700 денари, додека за кубик буково дрво цената изнесува 2.600 денари или за половина камион даб ќе треба да се издвојат 17.550 денари, додека за исто количество буково дрво ќе треба да се обезбедат 16.900 денари. Секоја рата за договорениот даб ќе изнесува 2.200 денари, додека ратата за буково дрво е нешто пониска и изнесува 2.100 денари.

За целокупното количество обезбеден е и растовар во домот на купувачот – додаде Ристоски.
Инаку, од практиката низ годините, 70 проценти од пензионерите се одлучуваат за набавка на дабово дрво, додека 30 проценти купуваат бука. Во 90 отсто случаи пензионерите купуваат по 6,5 кубика дрва или половина камион, додека 10 проценти се снабдуваат со цел камион, за што и цената е двојно повисока.