фотографии: Зоран Антоски

Денес во повеќечасовна посета на Кичево, како дел од проектот „Лице в лице со претседателот“ беше претседателот Стево Пендаровски, кој при овој престој во градот ги посети ОУ „Санде Штерјоски“ каде имаше средба со ученици кои ја следат наставата на македонски и на албански наставен јазик, а се сретна и со еден талентиран средношколец Албин Алиу, кој прави хартија од езерски алги, а овој негов изум наиде на голем одзив и во САД.
Покрај Санде Штерјоски, претседателот Пендароски го посети и ОУ „Д-р Владимир Полежиноски“, а во текот на денот ја посети ОО на Црвениот крст, каде се запозна со нивните активности и со волонтерите на Црвениот крст.

Во текот на денот Пендароски имаше средба со локалните новинари, се интересираше за условите во кои работат и во кои егзистираат медиумите на овие простори. Преседателот посетата ја заврши со средба со еден грнчар во Вранештица.

На разделбата преседателот беше презадоволен од посетата на Кичево и најмногу импресиониран од меѓучовечките односи кои се негуваат во овој град и соживотот кој го краси Кичево.

-Оваа посета на Кичево е дел од проектот што го најавив „Лице в лице со претседателот“ и досега не сум го променил ставотвдека преседателот треба да оди кај граѓаните, а не обратно. Во таа смисла го отворивме и кабинетот, граѓаните да можат да видам каде работам, каде работат моите соработници и не можам да се однесувам како да сум паднат од небо. Тие имаат право да ме прашаат што работам и да ми ги кажат своите проблеми. Денес и во Кичево, како и при сите посети сакам да се дружам со обичните граѓани, да не се среќавам со општински функционери, со пратеници, бидејќи тоа може да го правиме и во Скопје. Мојот впечаток од денешната посета е исклучително позитивен. Позитивно ме изненадија луѓето од различни вери и националности, кои одлично се согласуваат, што не е случај со другите градови во земјава – рече преседателот Пендаровски.

З.А.