Пациентите бараат да се подобрат здравствените услуги што ги дава болницата

ПРИЛЕП

Пациентите во Прилеп делумно се задоволни од услугите што ги добиваат во болницата. Како најголеми проблеми што ги истакнале на истражувањето што го правела невладината организација „Станица пет“, во периодот од 2018 до 2019 година, биле посочени лошата хигиена, несоодветната исхрана (недоволна и неприспособена на дијагнозата на пациентите, со лош квалитет и недоволно количински), недостиг од магнетна резонанца, за што се принудени да патуваат до Битола за да ја добијат соодветната услуга, недостиг од терапија, која во голем број ситуации пациентите си ја набавуваат сами.
Притоа од „Станица пет“ велат дека пациентите се пожалиле дека имале проблеми со лошиот однос на медицинскиот персонал.
– Во согласност со ставовите на пациентите, храната што ја добивале не соодветствувала на дијагнозата. При истражувањето е утврдено дека не постои различен режим на исхрана – за различни болести, а речиси на сите лежечки пациенти им било напоменато дека треба да си носат прибор од дома. Често се случувало на членовите на семејството да им биде кажано да донесат храна за пациентот од дома, бидејќи таа што е на менито не е соодветна за неговата состојба.

Хигиената е релативно задоволителна, со разлики во зависност од одделението (најдобро – очно одделение и гинекологија, најлошо – ортопедија, инфективно). Пациентите најчесто се жалат на стари и дотраени постелнини, чаршафи, лоша хигиена во тоалетите. Во повеќе случаи биле принудени сами да носат постелнина од дома, бидејќи во моментот немало или не биле испрани. Пациентите се релативно задоволни од користењето на апаратурата во болницата. Напоменуваат дека недостига магнетна резонанца, што ги изложува на дополнителни трошоци, да патуваат до други градови, а често и го става во ризик нивното здравје поради долгата листа на чекање за закажување термин. Во однос на добивањето на резултатите, во зависност од снимањето, пациентите ги добиваат резултатите веднаш, дигитализирани – велат во „Станица пет“.
Како што додаваат оттаму, лежечките пациенти често сами си набавуваат терапија, но и различен потрошен материјал (игли, шприцеви), особено на детско одделение, интерно, урологија, како и на одделението за гинекологија и акушерство.

Во невладината велат дека кај пациентите се прави конфузија во однос на препознавањето на медицинскиот персонал, кој не носи соодветни ознаки за да се прави разлика помеѓу докторите, медицинските сестри, болничарите и хигиеничарите.
– Пациентите сметаат дека доколку докторите бидат доволно платени, не се под притисок (бидејќи во моментов еден доктор работи како за тројца) и дека ако се вработат нови доктори, значително ќе се подобри и давањето на здравствените услуги.

Прилепската болница треба да ги унапреди транспарентноста и отчетноста во своето работење, овозможувајќи им на граѓаните што ги користат нивните услуги да имаат поголем увид во нивото работење, да има усогласување помеѓу јавните набавки и реалните потреби на пациентите, што ќе доведе и до поголема достапност на услугите и терапијата што треба да ја примаат пациентите, да се ревидира планот за набавка на храна и прехранбени продукти и да се усогласат менијата со различните потреби на пациентите, да се рационализира планот за набавка на медицинска опрема во согласност со барањата на пациентите за одредена здравствена услуга во претходните години и да се усогласат набавките на медицински потрошен материјал со потребите на пациентите и бројот на дадени услуги во претходниот период, за да не се случуваат недостатоци и префрлање на трошоците на самите пациенти, за материјали за кои болницата реализира јавни набавки – велат оттаму.