Во општина Прилеп проодни се сите патишта, а снежната покривка се чисти постојано. Екипите на фирмите кои што го добија тендерот за зимско одржување на улиците и патиштата во општината, се мобилни и постојано на терен.

-Се чистат улиците во сите делови од градот. Се интервенира без прекин, со оглед на снежните врнежи – вели Благоја Богоески од Општина Прилеп, којшто врши постојан надзор врз градежните активности.

Не само во градот, туку и во приградските населби се чисти, како и во населените места.

-Сите улици се проодни, согласно со приоритетите и оперативната програма на Општина Прилеп. Денеска се интервенираше на патните правци кон: Селце, Ореовец, Крстец, Тополчани, Канатларци, Ерековци, Чепигово и Клепач. Апел до граѓаните на општина Прилеп своите возила да не ги оставаат на коловозите за да можат машините непречено да работат – изјави Филип Иваноски од прилепската градежна фирма „Изофас“.

Изминативе две дена поточно со почетокот на непрекинатите снежни врнежи во општината, интервенирано е со 300 м3 ризла и 100 тони сол. На терен работат екипите на претпријатието со 5 возила во три смени.

За да се овозможи непречен сообраќај во градот, се апелира до граѓаните да не исфрлаат снег на веќе исчистени улици.

Ка.М.