Утрешниот празник на патронот на Битола – Св. Нектариј Битолски поради пандемијата од ковид-19 нема да се одржи со голема свеченост и одржување на литија низ градот.
Според зборовите на митрополитот на Преспанско пелагониската епархија г. Петар празникот ќе се одржи скромно и во согласност со препораките на Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство.
– Жалиме што оваа година поради ситуацијата со ковид-19, не можеме патронот на градот Св. Нектариј Битолски свечено да го прославиме како и во изминатите години. Секој во душата своја да го носи Св. Нектариј Битолски, в црква ќе биде дозволено да се дојде, но со почитување на мерките што се пропишани од страна на Владата. Во тој дух сакаме да кажеме дека не треба во една ваква состојба да бидеме разочарани, туку напротив, да се наоружаме со духовно орожје, а тоа е верата наша православна со желба да се победи непријателот, односно вирусот ковид-19, за обединување наше во секој поглед во ова време во кое што се наоѓаме од сите страни притиснати според песната народна „Да истраеме во сите овие искушенија и да се надеваме дека господ ќе даде сили идната година со радост и големо задоволство духовно да го прославиме овај празник, Патронот на Битола Св. Нектариј Битолски.“ – рече г.Петар, митрополит Преспанско-пелагонсиски.
По повод празникот во сите храмови на Преспанско Пелагониската епархија ќе се одржат богослужба.
– Ќе има богослужба во сите цркви согласно правилата што се наложени од Владата за да не направиме некоја поголема и несакана ситуација, значи да се почитуваат мерките е многу важно, но никако не треба да заборават луѓето дека оваа болест, но и сите други болести, нема да се проширува преку причесната, но затоа пак оние кои што се заразени од таа болест или пак биле во контакт со некој што бил заразен е пожелно да не доаѓаат во црква се додека не заздрават, а да бараат од свештениците советодавна помош и да им се укаже телефонски или ако треба и со посета со почитување на сите мерки на заштита дури да се исповедаат и да се причестат – рече митрополитот Петар.
Инаку патронот на Битола Св. Нектариј Битолски како патрон на градот Битола организирано се прославува од 2008 година од страна на општина Битола и Преспанско-пелагониската епархија
М.М.