Денеска во Битола е отворен Центар за поддршка на згрижувачки семејства во државата. Новиот центар, кој ќе понуди поддршка на 113 згрижувачки семејства кои се грижат за 169 корисници од Пелагонискиот и југозападниот плански регион е како дел од ЈУ „Домот за доенчиња и мали деца“ во Битола.

Зборувајќи на отворањето, министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, изјави дека отворањето на центарот во Битола е доказ како едно општество се грижи за најмладите, особено за децата без родители и родителска грижа.

– Најдобрата средина за воспитување, за подигање на децата и среќно детство е биолошкото семејство, меѓутоа децата кои од различни причина останале без родители и без родителска грижа, најблиска до нивната природна средина, се згрижувачките семејства. Со отворањето на Центарот во Битола, порачуваме дека згрижувачките семејства претставуваат најзначајна алка во системот на социјалната заштита. Во центарот ќе добиваат стручна поддршка од тим кој ќе учествува во нивното воспитување, подигање, во пристапот до здравствената заштита, но и можноста за образование – рече министерката Шахпаска.

Градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска, изрази голема благодарност до Министерството за труд и социјална политика и Британската амбасада за поддршката кон згрижувачките семејства која ја добиваат со отворањето на новиот центар.

– Ова е исклучително важно за нашата општина, имајќи ја предвид нашата сензитивност кон политиките за социјална заштита. И воедно претставува подобрување на пристапот до социјалните услуги за нашата локална заедница, бидејќи директни придобивки добиваат сите граѓани од овој регион, на кои овие услиги им се потребни – рече Петровска.

На отворањето присуствуваше амбасадорката на Велика Британија, Рејчел Галовеј, која посочи дека секое дете има право да порасне во семејство кое го поддржува и кое се грижи за него.

– Во изминатите години, заедно со УНИЦЕФ и со Министерството за труд и социјална политика на Северна Македонија, ние работевме кон остварување на оваа цел. Ние го поддржавме процесот на деинституционализација и дизајнирање на услуги засновани на потребите на заедницата, а сѐ со цел да бидеме сигурни дека децата и семејствата добиваат поддршка која им е потребна во местата во коишто живеат – истакна амбасадорката Галовеј.

Директорката на ЈУ Домот за доенчиња и мали деца, Елена Николовска, посочи дека ова претставува потврда за успешната трансформација на институцијата, како дел од процесот на деинституционализација во Македонија.

– Новиот центар ќе го промовира згрижувањето и ќе мотивира нови згрижувачи да обезбедат семејна средина за деца без родители или без родителска грижа од пелагонискиот и во југозападниот плански регион. Воспоставувањето нови социјални услуги не води кон губење на работните места, напротив, нашиот колектив се зајакнува со нови стручни лица и нововработени колеги. На почетокот од работата, предвидениот тим за центарот го сочинуваат вкупно 16 вработени – изјави Николовска.

М.М.