БИТОЛА

Во Битола деновиве е отворена првата знаковна кафетерија. Сопственици се лицата со оштетен слух Радмила и Мартин. Кафетеријата, која има необично име „Улаф сте“, е лоцирана на булеварот 1 Мај, една од најубавите пешачки улици во Битола.
– Ова е пример многу важен за лицата со попреченост, во нивната намера да се отворени за промени и да не се повлекуваат пред животните предизвици – рекоа сопствениците на кафетеријата.
Градоначалничката Наташа Петровска им честиташе за храброста бидејќи, според неа, за да се започне приватен бизнис во денешно време е тешко.
– Се радувам на заедничката средба, на овој разговор и на можностите заедно да соработуваме во иднина, на различни проекти од значење за градот и за битолската чаршија – рече таа.
Сопствениците на знаковната кафетерија, Радмила и Мартин, велат дека сакаат да бидат пример на една љубовна приказна што треба да допре до сите. Амбиентот покрај реката Драгор, местоположбата на кафетеријата, им дава дополнителна радост и мотивација да направат и други приказни со кои и градот би бил препознатлив.