Општина Кавадарци и ЈП „Македонски шуми“ подружница „Бор“ ја започнаа првата пролетна акција за пошумување во 2019 година. Првото пошумување се реализира на локалитетот „Журов дол“ над селото Ваташа каде беа посадени 1 200 садници багрем. Доколку дозволат временските услoви предвидено е акцијата да се одвива во текот на пет дена при што треба да бидат посадени од 7 до 8 илјади садници.
Томе Лисичанец, професор во земјоделско шумарскиот училишен центар сега во пензија ја поздравува акцијата на пошумување со садници од багрем, бидејќи претходната пракса на пошумување со садници од црн бор се покажаа дека овој вид во ниските терени многу страда од боров четник.
Багремот, смета Лисичанец е пионерски вид кој лесно се прифаќа и има многу скромни барања од почвата и климата, а со својот корен ја врзува почвата што е исклучително важно за голините на поројниците кои се пошумуваат.
-Багремот не е автохтон вид и негова слаба страна е тоа што има помала лисна маса што создава хумус, а со тоа и почва. Затоа се препорачува по извесно време кога багремот ќе ја врзе почвата на поројниците да биде заменет со автохтони видови со посилна лисна маса како што се дабот, јасенот, брестот и други. Најгорливиот проблем со овие автохтони видови е што се многу нападнати од добитокот и месното население кое врши бесправни сечи заради огрев, колци и разни градби. Всушност заради овие причини користење на багремот за колци во лозовите насади настрада речиси целосно заштитниот појас со багремова шума околу Кавадарци. Во последните децении како многу термофилен и издржлив на високи температури за пошумување особено во степскиот дел на повардарието кавадречко, неготинско, велешко и светиниколско се пошумуваше со аризонски чемпрес кој добитокот не го јаде, а не е многу поволен за огрев – дополнува Лисичанец.
Мирјана Мукаетова