Се работеше на чистење на дивите депонии во околината на градот и тоа кај вештачкото езеро, потоа на потегот од хотелот „Салида“ кон бензинската пумпа „Лук оил“ и „Прилепска пиварница“, како и на теренот околу патот за селото Ореовец
Повеќе од 100 вработени во општината Прилеп, јавните комунални претпријатија и образовните институции, завчера чистеа на неколку локации во околината на Прилеп. Во акцијата со своја механизација се вклучија сите јавни претпријатија, но и приватната фирма „Изофас“, демонстрирајќи општествена одговорност.
Се работеше на чистење на дивите депонии во околината на градот и тоа кај вештачкото езеро, потоа на потегот од хотелот „Салида“ кон бензинската пумпа „Лук оил“ и „Прилепска пиварница“, како и на теренот околу патот за селото Ореовец.
Градоначалникот Илија Јованоски им се заблагодари на вработените во јавните претпријатија и во „Изофас“ за покажаната висока еколошка и граѓанска свест во спроведувањето на акцијата.
– Локалната самоуправа на општината Прилеп ја организира оваа еколошка акција заедно со јавните комунални претпријатија од нашиот град. Сакам да упатам апел и до нашите граѓани да се грижат за екологијата и за животната средина, за да не се доведеме во ситуација да има повторно растурање на сметот. И во иднина ќе организираме вакви акции, но се надевам дека ќе има помалку смет за чистење – изјави градоначалникот Јованоски.
Со целиот свој капацитет во еколошката акција беше вклучен и ЈКП „Комуналец“.
– Апелирам до сите граѓани и до сите фирми, заеднички да ја чуваме животната средина и да го зачуваме нашето здравје. Сметот да го одлагаме таму каде што треба, во контејнерите, во кантите и во депонијата кај селото Алинци, која е отворена за сите фирми да го депонираат својот смет, без никаков надоместок – истакна Звонко Јованоски, в.д. директор на ЈКП.
Учесниците во акцијата рекоа дека вакви еколошки акции му се потребни на градот.
Инаку, оваа еколошка акција, која се одвиваше под мотото „Општините во Македонија – чистат“, е иницијатива од Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) за сите општини во државата на својата агенда да имаат што повеќе денови посветени на екологијата и на здравата и чиста животна средина. П.Р.