КИЧЕВО

 

Иако со помош на Владата и на ЕВН на 800 семејства од Кичево им беше овозможено да обезбедат клима-инвертери, тоа сепак не помага да се намали загадувањето на воздухот во градот. Затоплувањето на фосилни горива кичевци го заменија со еколошки здраво гориво, а за тоа им беа компензирани по 1.000 евра за набавка на квалитетни уреди за затоплување на домовите. Сепак, според показателите од мерните станици извршени во последните дваесетина дена, загадувањето на воздухот во градот секојдневно е многу над дозволените граници. Во неколку наврати во Кичево беа измерени застрашувачки 950 микрограми на кубен метар ПМ10 честички, кои се 20 пати повисоки од дозволените вредности.
Загадувањето е најголемо навечер, кога се палат ќумбињата и почнува загревањето на домовите со дрво, ќумур или течни горива. Загадувањето на воздухот станува голема закана по здравјето на локалните жители од сите возрасти, а најмногу на децата, постарите лица и хронично болните.

– Главна причина за зголеменото загадување на воздухот е затоплувањето на домовите со тврди горива, бидејќи доминантна бројка на домаќинства во градот се греат на тврди горива. За помалото согорување и зголеменото загадување на воздухот причина е влагата што ја поседува овој енергент. Ако дрвата се со повисока влага помалку согоруваат и повеќе загадуваат, а во нашиот град со сурови дрва се греат најголемиот број домаќинства. Колку се повлажни дрвата толку повеќе испуштаат и ПМ 10 честички. Ако тие се посуви, загадувањето е помало. Во некои домаќинства се гори дрвен отпад, кој е во категоријата големи загадувачи со низок степен на согорување – вели Коце Наумоски, технолог и одличен познавач на оваа проблематика.

Во Кичево има околу 6.000 домаќинства, а бројот на 800 инвертери е мал.
– За да се почувствува поголема чистота на воздухот, треба да има од 2.500 до 3.000 инвертери, или барем половина од домаќинствата да ги затоплуваат домовите со чиста енергија. Додека не се постигнат овие бројки на инвертери или во меѓувреме градот не добие гас, Кичево ќе биде при врвот на листата најзагадени градови во земјава, а хронично болните и старите лица ќе ги имаат здравствените проблеми што ги имаат – додаде Наумоски.