Прилеп
Еден од тоалетите во општинското основно училиште „Кире Гаврилоски-Јане“ е приспособен и адаптиран за лицата со посебни потреби, а со средствата обезбедени од организацијата на есенскиот и на велигденскиот панаѓур, се набавени 10 нови ЛЦД-телевизори. Како што истакна директорката на ова училиште, Кети Стевананџија, ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“ од Прилеп оствари дел од целите во годишната програма.
– Со новиот закон за основно образование, а со намера за подобрување на инклузивната клима, еден од тоалетите го приспособивме за учениците и вработените лица со посебни потреби. Во контекст на истото, во тек е и јавна набавка за изградба на пристапна рампа. Во оваа пригода сакам да им се заблагодарам на сите наши наставници, на учениците и на нивните родители, кои со своите изработки и креации овозможија нашите панаѓури да бидат успешни. Нашето училиште има традиција да организира два панаѓура годишно, и тоа есенскиот под мотото „Здрава храна“ и велигденскиот панаѓур. Финансиските средства што се обезбедија, се наменија за потребите на училиштето. Преку советот на родители, со овие финансиски средства се набавени 10 нови ЛЦД-телевизори, кои ќе бидат поставени во училниците по предметна настава, а со нив нашето училиште ќе биде целосно покриено. Тоа значи дека во секоја училница ќе има уште по едно наставно помагало – истакна директорката Стевананџија.
Истовремено, таа потврди дека училиштето ќе ја продолжи традицијата за организирање панаѓури, за да се обезбедат средства за набавка на апарати за прочистување на воздухот за сите училници.