Преку апликацијата Зум денеска се одржа онлајн јавна расправа за новата градинка која ќе се гради во Битола преку Проектот за подобрување на социјалните услуги (ППСУ) на Министерството за труд и социјална политика (МТСП).

Новата градинка ќе биде лоцирана во југозападниот дел од градот, спроти основното училиште „Св. Климент Охридски“ и е планирана за згрижување на најмалку 147 деца на возраст од 6 месеци до 6 години.

На Јавната расправа на граѓаните и на засегнатите страни детално им беше презентирана функционалноста на новиот објект, како и новитетите во проектирањето на објекти од ваков вид со фокус на специфичните потреби на децата од предучилишна возраст, а кои ќе бидат имплементирани и во новата градинка.

Дополнително е презентирана и „Првичната ограничена оценка за влијание врз животната средина и социјалните аспекти“. 

– Целта на оваа расправа е родителите и останатите вклучени страни – воспитувачи, педагози, соседи и други граѓани да ги добијат основните информации, но и да
дадат свој придонес преку предлози за евентуални подобрувања на проектите и на фунционалноста на градинките. Тие се особено драгоцени и поради тоа што во градинките, вклучително и во новата градинка во Битола, сакаме да воведеме нови стандарди и нормативи, приспособени на потребите на децата за движење и за
поттикнување на учењето преку игра – рече Наташа Тасевска Стојановска, претставник на ППСУ.

Инаку, во рамките на Компонента 2 од Проектот за подобрување на социјалните услуги, во 17 општини, кои доставија свои апликации, се во тек активности за изградба на нови и адаптација на постоечките установи за згрижување на деца од предучилишна возраст, чија главна цел е создавање нови 7.500 места за деца од 6 месеци до 6 години.

Покрај зголемувањето на просторните капацитети, ППСУ е посветен и на зголемување на квалитетот на услугите во градинките и центрите за ран детски развој,
преку обуки на кадарот и имплементација на инструменти за мерење на квалитетот на предучилишното образование.

Проектот за подобрување на социјалните услуги го имплементира Министерството за труд и социјална политика, во соработка со општините во земјава. Проектот вклучува компонента за промовирање на социјалната вклученост преку подобрување на пристапот до социјални надоместоци и услуги (Компонента 1) и компонента за проширување на пристапот и подобрување на квалитетот на предучилишните услуги (Компонента 2). Проектот се реализира со финансиска поддршка од Светска Банка.
М.М.