Со полагање цвеќиња на споменикот на Методија Андонов Ченто, на Кузман Јосифоски – Питу и на Могилата на непобедените, денеска делегации од Владата, од Парламентот, од општина Прилеп, од Сојузот на борци, од политички партии и Здруженија на граѓани, го одбележаа 11-ти Октомври – денот на оруженото востание на македонскиот народ.

При тоа се одржа и марш во чест на загинатите борци.
На овој ден посочи градоначалникот на Прилеп е означен почетокот на борбата за слобода и остварување на сонот за слобода на нашите претци.
– Одовде од Прилеп македонскиот народ се крена на востание и покажа подготвеност да се бори за својата национална слобода и независнот. 11 Октомври 1941 година е логичен продолжеток на револуционерната борба на Македонија. Нашите храбри борци отворија нова страница на историјата, го испишаа овој датум и Прилеп во историјата на македонската државност. Овој ден е симбол на непокорот, вечно сеќавање на борците во чија чест го организиравме почесниот марш. Го исполнивме заветот на нашите претци и продолжуваме да ја градиме нашата Македонија како безбедна развиена и просперитетна држава.Сигурно чекориме на патот на еу интерграциите и да ја оствариме стратешката цел – да бидеме рамноправна членка на Нато Алијансата – рече градоначалникот на Прилеп Илија Јованоски.


Според министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, кој ја предводеше владината делегација на чествувањето, денес им се оддава почит на борците за слободна Македонија, кои се пример за идеологијата што не води државата да биде вековита.
– Докажавме како се сака државата, како се работи за нејзиниот развој за доброто на сите нејзини граѓани. Ни претстои период кој треба да го изодиме и да се избориме за нашата европска интеграција. Земјата да ја направиме подобро место за живеење – рече министерот Сугарески.
На присутните им се обрати и претседателот на Сојузот на борци Круме Соколоски.
Од ОК на ВМРО ДПМНЕ, честитајќи го празникот, посочија дека оваа власт е предавничка, власт која потпишува капитулантски договори.
– Како генерација имаме обврска да ја продолжиме борбата за градење на современа македонска држава, силна и перспективна Македонија. Од Прилеп започнало тогаш, од Прилеп ќе започне и сега обновата на современата македонска држава. Да ги поправиме грешките од оваа власт која го понижува македонскиот народ и држава заедно во коалиција со сите македонски граѓани – рече Петар Ристески, претседател на ОК на ВМРО ДПМНЕ – Прилеп.
По повод празникот денеска од денеска до недела ќе се организираат бројни манифестации, меѓу кои фестивалот „Со Марко на улица“, фестивалот „Ѕвездички“ и други активности.

Ка.М.