ОХРИД

Со низа активности поддржани од Владата, Агенцијата за млади и спорт и Центарот за јавно здравје, вчера, во Охрид и неколку града во државава, беше одбележан Светскиот ден на физичката активност.
Во рамките на одбележувањето, Општина Охрид, заедно со Сојузот на училишни спортови и спортски клубови од градот, организира спортски активности што се одржаа на кејот „Македонија“, во периодот од 11 до 12 часот. Спортувањата се одржаа во согласност со протоколите за ковид-19, а за учесниците беа задолжителни носењето заштитна маска и одржувањето физичка дистанца. Предвидените спортски дисциплини беа: атлетика, боречки вештини, аеробик и зумба, пинг-понг, возење скејт, ролери и велосипеди. Истиот ден се одржа планинарска тура од Охрид до над с. Велестово и назад – велат во Општината.
Целта на одбележувањето на Светскиот ден на физичката активност е да се укаже на важноста од спортувањето и рекреативните активности што обезбедуваат здрави животни навики.
– Спортот и спортувањето се индикации за здрав и културен живот. Потребни се секојдневно движење и спортување, независно од возраста и полот, за да се одржат сопственото здравје и психомоторната способност на луѓето – додаваат оттаму.