Со пригодна програма учениците од ОУ „Блаже Конески“ од Прилеп вчера го одбележаа патрониот празник и 100 годишнината од раѓањето на Блаже Конески. На свеченоста присуствуваа градоначалникот на општина Прилеп, Борче Јовчески, претставници од институциите, ученици, родители и вработени во оваа образовна установа.
Според Ангелка Баракоска, директор на ООУ „Блаже Конески“, оваа година училиштето ја поминало во знакот на 100 годишнината од раѓањето на овој великан заедно со фондацијата „Небрегово“.
– Се зборуваше многу за делото на нашиот великан, се зборува и уште многу ќе се зборува. Тоа не прави да бидеме силни и горди што го носиме името на овој великан. Пред нас е предизвикот да вложуваме како тим и од оваа установа да пласираме млади индивидуи кои достојно ќе не претставуваат преку нивните професии и секако ќе раскажуваат за нашето училиште, за нашите вработени кои се секогаш на ниво на професионализам бидејќи без нив нема да сме тоа што сме како институција. Личности кои ќе знаат како да го зачуваат и негуваат светото во нашата татковина – рече Баракоска.
Градоначалникот Борче Јовчески посочи дека неговиот аманет не задолжува да го чуваме и негуваме македонскиот јазик затоа што како што кажал Конески „Тој е нашата единствена татковина“.
Во знак на почит кон ликот и делото на Конески пред почетокот на пригодната програма со која беше одбележан патрониот празник, беа положени цвеќиња пред бистата на Конески поставена во холот на училишната зграда.

Ка.М.