Со полагање на цвеќиња на спомен обележјето на народниот херој Мирче Ацев, со историски час кој го одржа Илија Велкоски, во присуство на заменик командантот на Првата пешадиска бригада полковник Васко Кокалански, на претставници од Сојузот на борци, од општина Прилеп, денеска во касарната „Мирче Ацев” во Прилеп, беше одбележан патрониот празник.
Беше посочено дека 4 јануари пред 77 години бил кобен за младиот Ацев, кој го разбранувал духот на македонскиот народ.
Обраќајќи се пред присутните потполковник Ѓорѓи Василевски, командант на касарната, посочи дека Мирче Ацев е за војниците од големо значење.
– Неговата верба и убедување дека само со добро организирани единици и здружени формации ќе успее да се спротивстави на агресорот и денес ја споделуваме ние старешините и војниците. Годинава токму една таква здружена формација како 30 земја членка влегуваме во НАТО, впрочем ја делиме истата идеја на Мирче, дека добро организирани и здружени ќе можеме да се пркосиме на секаков облик на закана. Заеднички, споделувајќи различни искуства со други, во иднина не прави да сме посигурни и безбедни – рече потполковник Василевски.
На свеченоста пригодна програма одржаа ученици од Гимназијата „Мирче Ацев”кои утре ќе го одбележат патрониот празник. Ка.М.