Со воена свеченост, денеска беше одбележан патрониот празник на касарната „Чеде Филипоски – Даме“ во Кичево. Покрај многуте гости од локалните институции, на одбележувањето присуствуваше и командантот на Првата механизирана пешадиска бригада, полковник Драган Ковачки.
Свеченоста започна со полагање на букети свежо цвеќе на бистите на хероите во алејата на великаните во кругот на касарната. За животниот пат на патронот Чеде Филипоски – Даме говореше командантот на четвртиот механизиран пешадиски батаљон, потполковник Горан Трајаноски.
– Почитувани присутни, големиот македонски син Чеде Филипоски е роден во 1923 година, во сиромашно семејство во село Никифорово – Гостиварско.Токму тој Чеде, уште од млади години застанал со пушка во рака да ја брани својата напатена и измачена татковина. Своето детство го минува во родното село а како момче на 14 години заминува на печалба, каде се соочува со тешкиот и суров печалбарски живот. Ги осознава животните тегоби а сето тоа ќе му даде силен поттик да се бори за човековите права и за слободата на својот народ. Во 1941 година Чеде се враќа во својот роден крај, кој беше задоен со идеите за самостојна и независна Македонија. Тој судбински бил поврзан со својот народ. Во 1944 година го назначуваат за командант на 48-та македонска дивизија на НОВ. Во борбените дејствија со херојство и неисцрпност, со својата храброст и неустрашливост, се истакнува во борбите за ослободување на Кичево, Пресека, Кленоец, Подвис, Дебар, Локов и поширокиот регион на Дебарца. Срцето на големиот син, патриот, борец и херој на Македонија престана да чука на 29 јуни 1945 година. Наша обврска е да го почитуваме животното дело и несебичната жртва која Чеде ја даде, за денес да живееме во самостојна и независна држава – рече во својот вовед командантот Трајаноски.
Свеченоста беше збогатена и со учество на членовите на КУД „Бисер“ Кичево, а за гостите и останатите присутни беше организиран и тактичко-технички збор, на кој беше претставено вооружувањето со кое располагаат вооружените сили на АРМ. З.А.