Денес со пригодна свеченост и во присуство на голем број на гости, беше одбележана 75 годишнината од една од најкрвавите битки во Втората светска војна што се одиграла во Македонија, наречена „Македонска Кадињача“. Во битката кај село Кленоец-Кичевско животот го положиле 67 борци и триесетина жители од регионот и оваа битка засекогаш ќе биде забележана како една од најкрвавите што се случила кај нас во Втората светска војна.

По подигањето на знамето на Р. Македонија од страна на потпретседателот на боречката организација Гоце Георгиевски, беше интонирана и македонската химна, а свое обраќање имаше и претседателот на МЗ село Кленоец, Живко Сталески.

-Денес на 6-ти октомври 2018 година се собравме овде во легендарното Кленоец, за да ја одбележиме 75-годишнината од трагичната битка водена на овие простори од страна на нашите јунаци чии имиња се испишани на овој споменик. Ова село, овој настан, станаа легенда на нашата историја, битката од 6-ти октомври е битка за која вечно ќе кажуваме ние и нашите поколенија за патриотите, за јунаците, кои несебично ги дадоа своите животи за слобода на нашата татковина. Наша задача е да ги поттикнуваме и потсетуваме сегашните и идни генерации, да не го заборават овој датум и ова место и секогаш да им оддаваат почит на сите оние кои со својата храброст и крв, младост и живот, ја пишуваа нашата бурна историја и ја градеа Република Македонија – рече во своето обраќање претседателот, Сталески.

Потоа пред споменикот во село Кленоец беа положени букети свежо цвеќе од страна на Сојузот на борците, Армијата на Република Македонија, месната заедница, резрвните воени старешни, делегација на родниот град на Свештарот, Гевгелија, почитувачи на оваа епопеја и многу други. На крајот ова одбележување беше надополнето со културно-уметничка програма, литературно читање од страна на поети од Кичево и Прилеп, а се претставија и играорците на КУД „Младост“-Кичево, вокалната група „Преродба“-Прилеп. Историски час одржа Виолета Петкоска историчар од училиштето„ Христо Узунов“ од село Другово.

З.А.