Со традиционалната посета на споменикот помеѓу селата Карбуница и Кладник , Кичевско, беше одбележана 117-годишнината од една од најкрвавите битки од Илинденската епопеја, што се случила во кичевскиот крај, и во која востаниците извојувале блескава победа, една од ретките во тој историски период.
Битката кај Ѓурѓејца ќе остане во вечен спомен кај идните поколенија и каде што се потврдила големата пожртвуваност на комитите, кои се вградиле во успехот на Крушевската Република и во сеопштиот отпор во земјава. На Ѓурѓејца престојуваа почитувачи на делото на илинденците и традиционално на овој ден планинарите од ПСД „Бистра“ од Кичево се поклонија пред споменикот, положија свежо цвеќе, а претседателот на друштвото Сашо Божиноски одржа краток говор.
– Денес се наоѓаме на ова место пред споменикот каде пред 117 години се одиграла една од најкрвавите битки во илинденскиот период и каде е извојувана една од најблескавите победи на востаниците. Битката кај Ѓурѓејца востаниците скапо ја платиле со над 30 положени животи и многу поголем број на ранети. Токму затоа овој датум и овој локалитет, заслужуваат почесно место во македонската историја, како едно потсетување за идните генерации да не го заборават големото херојство на нивните претци од тоа време – рече претседателот на ПСД „Бистра“ Кичево.
Инаку, посета на споменикот и полагање свежо цвеќе имаше и во текот на вчерашниот ден од голем број почитувачи на оваа епопеја, кои поради работни обврски не можеа денес да бидат присутни на Ѓурѓејца. И на ова одбележување беа запазени протоколите против ширење на ковид-19. З.А.