КИЧЕВО

Честите земјотреси што се случуваат во земјава и на Балканот, повторно го актуализираа прашањето дали новите станбени објекти ги задоволуваат сеизмичките стандарди и дали се целосно безбедни за живот. На оваа тема позборувавме со експерти од градежната струка, кои велат дека се посветува исклучиво внимание на издржливоста при градењето.
– По скопскиот земјотрес, особено откако зачестија потресите во последните десетина години, градежниците покрај за функционалноста на новоизградените станови, најголема грижа посветуваат и на издржливоста на овие објекти од можни тектонски поместувања. Во новите објекти се вградуваат квалитетни материјали, кои со целокупната изведба гарантираат добра издржливост и при посилни потреси. За цело време на градба на новите објекти надзор се врши и од експерти од Институтот за земјотреси и земјотресно инженерство од Скопје, од каде што главниот фокус е токму квалитетот на градбите, за што овие објекти ќе се стекнат и со сертификат за сеизмичка издржливост – вели Зоран Наумоски, градежен инженер статичар.
Не само инженерскиот кадар, за квалитетот на новоградбите голема грижа водат и самите инвеститори и изведувачи на работите, кои се грижат да понудат станови со добар комфор и со висока издржливост.

– Многу години сум во оваа бранша и од самиот почеток главната грижа ни беше да обезбедиме станови целосно безбедни за живот и при посилни земјотреси. За целото време на градба на новите објекти вградуваме квалитетна арматура и првокласен бетон во доволни количества за да добиеме стабилен објект од аспект на статиката. Сите објекти цело време се контролирани од страна на стручњаци, кои се најодговорни за квалитетот на новоизградените објекти – вели Исмаил Исени, инвеститор и градежник.
И купувачите се заинтересирани да обезбедат покрив над главата во објект граден со сеизмички стандарди, за какви што се сметаат сите новоизградени станбени објекти во градот.
– И покрај нешто повисоката цена на квадратен метар, сепак мојата одлука во кој објект да купам стан не беше тешко да се донесе, бидејќи се одлучив да обезбедам покрив над глава во зграда со највисоки сеизмички стандарди. Впрочем, безбедноста е поважна од какви било пари, затоа честите потреси нѐ присилуваат најпрво да мислиме на нашата безбедност, а потоа за сѐ друго – вели Јован К., жител на новоградба во Кичево, за која има само пофални зборови.