Делчево
Делчево доби 32 парковски канти, шест контејнери за селекција на отпад и опрема за видеонадзор на две локации, за контрола и зачувување на урбаната опрема. Парковски мали канти за ситни отпадоци и контејнери за селекција на отпад беа дистрибуирани до Општина Делчево како дел од проектот што го реализира ЛАГ „Малеш-Пијанец“, со поддршка на Агенцијата за финансиска поддршка и рурален развој.
– Градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, истакна дека парковските канти ќе се постават на јавните површини и во парковите во централното градско подрачје, а контејнерите за селекција на отпад ќе се распоредат во училишните дворови, за децата од најмала возраст да се учат да го селектираат отпадот, а со тоа да дадат свој придонес во зачувувањето на животната средина. Тој додаде дека двата система за видеонадзор ќе бидат поставени на локациите каде што изминатиов период имало најголемо оштетување на урбаната опрема и кражби, а системот треба да придонесе за полесно откривање на сторителите – објаснуваат од Општина Делчево.
Оттаму нагласуваат дека ЈКП „Брегалница“ ќе ги постави парковските канти наредната недела, а контејнерите, со кои се воведува почетна селекција на отпадот од стакло, хартија и пластика, се веќе дистрибуирани до двете основни училишта во градот. Средствата што ЛАГ „Малеш-Пијанец“ ги доби од ресорното министерство се во висина од 880.000 денари.
Претходниот период, за подобрување на состојбата со управување на отпадот, Општина Делчево набави 23 контејнери, вредни 371.000 денари. Контејнерите се со волумен 1,1 кубен метар, односно номинална носивост од 430 килограми.