Решени тесните грла во градот / Фото: Зоран Антовски

Кичево

Во време кога коронавирусот ги фрли во сенка другите случувања во земјава, Кичево е збогатено со нови инфраструктурни решенија. Изградени се два кружни тека, со што и официјално стана рекордер со вакви сообраќајни решенија во внатрешноста од земјава. Покрај двата новоизградени кружни текови, на истиот потег е изграден и парк збогатен со урбана опрема. Изградени се и нови тротоари на улиците, во делот каде што концентрацијата на население е голема, а интензитетот на сообраќајот многу голем. Овие сообраќајни решенија го олеснија протокот во сообраќајот и ја зголемија безбедноста на граѓаните.

– Патната инфраструктура во нашиот град сега е побогата за уште два кружни тека, за чија изградба се потрошени осум милиони денари, средства обезбедени од општинската каса и грант од Светска банка. Двата кружни тека во значителна мера ќе помогнат сообраќајот во овој дел од градот да се одвива без тешкотии. Повеќе ќе ги нема тесните грла, како што беше случај изминатите години и децении, пред сѐ во текот на летото и околу Нова година, кога интензитетот на сообраќајот беше драстично зголемен. Новите инфраструктурни решенија ќе им овозможат на месните жители да го користат новоизградениот парк и да почувствуваат уште една придобивка од оваа инвестиција. Дополнително, изградбата на новите тротоари ќе им помогне на пешаците да се движат многу побезбедно, бидејќи се работи за дел од градот со многу возила и речиси немаше место каде што граѓаните, особено децата, можеа да се движат безбедно – истакнаа од Општина Кичево.
Граѓаните на Кичево, особено жителите од блиската населба, се многу задоволни од новите урбани решенија.

– Со новите урбани решенија во овој дел од градот, нашата населба во значителна мера го промени својот изглед. Покрај двата кружни тека и тротоари, сега добивме и нов парк со урбана опрема, каде што во слободните часови може да се одмораме и дружиме. Можеби најголемата придобивка се новоизградените тротоари, бидејќи пешаците, а пред сѐ учениците, ќе можат многу побезбедно да се движат во секој дел од денот, особено кога одат или се враќаат од училиште-вели Мухамед А., жител на оваа населба.