Демиркаписките власти деновиве започнаа со уредување на просторот кај реката Челевечка во качувачкиот дел на клисурата. Проектот вклучува уредување на велосипедски и пешачки патеки и комунално уредување на локалитетот. За реализација на овој проект се обезбедени 1.056.441 денар, врз основа на договор за реализација на проект од грантова шема за инвестициски проект потпишан помеѓу Министерството за локална самоуправа и Центарот за развој на вардарскиот плански регион.
На ова место ќе биде поставена урбана опрема – дрвени мостови, маси, клупи и канти за отпадоци. Исто така ќе има и патокази на локацијата кај качувачкиот локалитет во Демиркаписката Клисура, а ќе има и обележување и поставување патокази и информативни знаци на десет велосипедски и пешачки патеки на поважни места низ Демир Капија.
– Со ова ќе се придонесе кон збогатување на туристичката понуда и афирмација на Демир Капија како туристичка дестинација – велат во Општината.