Граѓаните на Кичево веќе подзаборавија кога последен пат во нивниот град заврнал посилен дожд, а истовремено ги заборавија и проблемите што ги следеа во периоди кога врне дожд или по улиците има растопен снег.
Целодневните врнежи од дожд, по којзнае кој пат ги извадија на површина проблемите што се создаваат поради немање на атмосферска канализација на повеќе сообраќајници во градот или поради нивниот дефект, што оневозможуваа нормален истек на водата, што пак, придонесува по сообраќајниците да се собира вода која е закана за минувачите.
– При секој дожд во нашиот град, ни се враќа во меморија проблемот од собирање на вода на градските сообраќајници што немаат атмосферска канализација или истата е затната. Токму овие проблеми се причина, ние пешаците да не можеме спокојно да се движиме по тротоарите, бидејќи водата собрана во нерамнините и дупките на асфалтот, е директна опасност при движење на автомобилите, да бидеме целосно истуширани од нечистата и каллива вода. Затоа целото внимание го насочуваме да се движиме што подалеку од коловозот и при евентуално прскање од некој автомобил, да нема поголема опасност за нас минувачите – вели Петар Тренески од Кичево. З.А.