КИЧЕВО
По 13 години од почетокот со работа на новата училишна зграда, во текот на оваа учебна година ОУ „Кузман Јосифоски-Питу“ доби и нова пластифицирана жичена ограда, со должина од околу 500 метри. За да се постави новата ограда, мораше да биде отстранет поголем дел од привремените објекти, кои со дел од својата површина се наоѓаа во училишниот двор. По овој зафат беше раззеленет и дворот на училиштето „Кузман Јосифоски-Питу“.
– По 13 години од почетокот со работа во новата училишна зграда, училиштето доби и нова ограда, со која е заокружен целиот комплекс. Изградбата на новата ограда беше овозможена благодарение на УСАИД и поддршката што ја добивме од Општина Кичево. Бидејќи училишниот двор е многу простран, должината на оградата изнесува 470 метри. Со оградувањето на училиштето се обезбедени сигурен и чист сопствен двор, зголемена е безбедноста на учениците, како и на самата училишна зграда, а тука пред сѐ мислам на кучињата скитници, чие прибежиште со години беше токму училишниот двор. Поставувањето на новата ограда ни отвори можност за хортикултурно уредување на целиот простор околу училиштето, како и негово збогатување со повеќе содржини – вели Драган Андрески, директор на ова училиште, кој најавува во наредните месеци збогатување со нови содржини, кои ќе им овозможат на учениците одморите да ги користат на отворено во уреден и чист двор.
Активностите за уредување на училишниот двор не престануваат.
– Планирано е садење дрвца и цвеќиња во дворот, а на влезот од десната страна на училиштето се планира да се уреди простор каде што нашите ученици ќе можат да ги поминуваат одморите, да појадуваат и да се дружат, а за оваа намена ќе бидат поставени клупи и масички, со други зборови на овој дел од училишниот двор ќе бидат изградени летниковци. Исто така на овој потег планираме да обезбедиме услови за часови во природа и организирање претстави на отворен простор, со чија изградба нашето училиште ќе обезбеди услови за следење на наставата со високи стандарди – додаде директорот Андрески.
Во дворот има и специјален хидрофор, кој овозможува наводнување и полевање на стеблата со техничка вода за да не се троши водата од градскиот водовод, туку од длабинските извори во дворот.